Lorem ipsum dolor sit amet, eos ei brute iudico, eius ocurreret ut eam. Elit delicatissimi no ius, at ius mollis menandri facilisis. In his sint graeci mnesarchum, mel id efficiendi sadipscing. His cu placerat quaerendum, mucius vocibus his at, iisque persecuti cu has.Lorem ipsum dolor sit amet, eos ei brute iudico, eius ocurreret ut eam. Elit delicatissimi no ius, at ius mollis menandri facilisis. In his sint graeci mnesarchum, mel id efficiendi sadipscing. His cu placerat quaerendum, mucius vocibus his at, iisque persecuti cu has.:

1. Плаошник

Светиклиментовиот манастир лоциран на Плаошник е најсилната материјална манифестација на ликот и делото на св. Климент, која во првата деценија на XXI век беше ослободена од напластувањата на времето. Накалемувајќи ја манастирската црква врз темелите на разрушената ранохристијанска базилика, светителот започнал нова традиција во христијанското градителство и црковниот живот. Манастирот на Плаошник бил избран од светителот, не само за негов најомилен дом туку и за негово вечно почивалиште.

Read More Go to top

2. Горна Порта

Претопувајќи ја пишаната и замислената историја во реалноста на своето опкружување, за генерации охриѓани присуството на свети Климент е реално колку што се реални ѕидините на некогашната тврдина и бројните цркви низ градот кои биле градени, доградувании преградувани во текот на еден цел милениум. Присуството на св. Климент е реално и опипливо, тој и денес „облечен се во бело и со долга бела брада“ се јавува во ноќните часови во Охрид и со фенер во рака шета низ калдрмисаните улички чувајќи го сонот на охриѓаните. За неговото присуство говорат и камењата од калдрмата крај Горна порта на кои се препознаваат траги од потковиците на неговиот коњ.

Read more Go to top

3. Самуилова Тврдина

Легендата свети Климент не го памети само како просветител и покрстител на македонскиот народ, туку него го поврзала и со најславните времиња на неговата историја, кога Охрид бил престолнина на царството на Самоил. Народот раскажува дека во една страшна битка, кога непријателот почнал да ја надвладува војската на Самуил, царот му се помолил на светителот. Изгледало дека целата војска е осудена на пропаст кога пред вратите на тврдината, јавнат на бел коњ, се појавил свети Климент и ги протерал непријателските војници.

Read More Go to top

4. Свети Димитрија

Малата еднокорабна црква посветена на солунскиот маченик св. Димитриј, била подигната и живописана околу 1378/9 година како параклис на црквата Богородица Перивлепта која се наоѓа во непосредна близина. Претставата на св. Климент е лоцирана во првата зона на северниот ѕид, веднаш до фигурата на Богородица Застапничка, која е дел од композицијата Деизис. Преку позиционирањето на св. Климент до Деизисот е истаната неговата улога како прв застапник на жителите на градот Охрид пред Христос, веднаш по Богородица која се моли за целиот човечки род.

Read More Go to top

5. Богородица Перивлепта

Црквата Богородица Перивлепта била изградена и живописана со сретства на големиот хереријарх Прогон Згур, близок роднина на императорот Андроник II Палеолог и еден од најзначајните воени заповедници во Византискaта империја од тој период. Градбата била завршена пред 1295/6 година, кога знаменитите сликари Михајло и Евтихиј го осликале нејзиниот ентериер, оставајќи ги своите потписи на ова ремек дело.По рушењето на Светиклиментовата црква на Плаошник и конвертирањето во џамија на Св. Софија - катедралата на охридските поглавари, црквата Богородица Перивлепта станала новиот соборен храм на архиепископијата. Станувајќи почивалиште на светиклиментовите мошти, храмот добил и нова посвета по охридскиот светител, нарекувајќи се Нов Св. Климент.

Read More Go to top

6. Свети Константин и Елена

Храмот посветен на светите Константин и Елена бил изграден и живописан околу 1400 година. Црквата била изградена со ктиторскиот залог на јеромонахот Партениј, а нејзиното сликарство е еден од последните репрезенти на ликовните текови на охридското сликарство од втората половина на 14 столетие. Св. Климент е дел од галеријата на светителски фигури на јужниот ѕид. Ктиторите и сликарите од Охрид гледајќи го својот најближен помошник во ликот на светителот, ја истакнале својата почит сликајќи го во тандем со св. Никола, најпочитуваниот архијереј во прaвославието.

Read More Go to top

7. Мал Свети Врачи

Црквата на светите врачи Кузман и Дамјан, била изградена и живописана околу средината на 14 век. Во сликаната програма на наосот е зачуван еден од најкарактеристичните портрети на св. Климент. Светителот е прикажан на јужниот ѕид со моделот на градот Охрид во неговите раце, кој го приложува кон ктиторите на храмот св. Кузман и Дамјан. Оваа композиција претставува визуелизирање на верувањето на жителите на Охрид за св. Климент како нивен застапник и застапник за благосостојбата на градот.

Read More Go to top

8. Мал Свeти Климент

Црквата Мал Св. Климент е единствената од охридските цркви која уште од своето основање ја носи посветата на патронот на градот, а веројатно поради своите скромни димензии од народот го добила епитетот Мал. Ктитор на градбата и живописот на овој храм е јерејот Стефан, имотен охридски свештеник, со чиј залог црквата била завршена во 1378 година. Тоа е време кога световен господар на градот бил жупанот Андреа Гропа.

Read More Go to top

9. Света Богородица Болничка

Храмот посветен на пресвета Богородица, е дел од Болничката енорија на градот Охрид, поради што го добила епитетитот Болничка. Живописот во олтарот и наосот на црквата бил насликан 1365-1367 година. Ликот на св. Климент е дел од олтарната на храмот, инкорпориран во низата од пет допојасни претстави на истакнати архијереи во централната апсида. Со претставувањето на светителот непосредно до св. Еразмо Лихнидски, првиот христијански мисионер во охридскиот регион, истакната е идејата за заедништвото на нивната мисија во проповедањето на христовата наука во охридскиот крај.

Read More Go to Top

10. Свети Никола Болнички

Црквата Св. Никола Болнички била живописана во периодот помеѓу 1330-1340 година, а својот епитет го добила според Болничката енорија на градот каде е лоцирана. Ликот на св. Климент е насликан на јужниот ѕид во наосот, поместен во низата на најистакнатите светители во православното христијанство. Со сликарскиот зафат на западната фасада во 1480/81 година, св. Климент бил преттавен уште еднаш како дел од фризот на допојасни фигури помеѓу првата и втората зона.

Read More Go to top

11. Света Софија

Црквата Св. Софија од нејзината изградба во првата половина на 11 век, сѐ до конвертирањето во џамија кон крајот на 15 столетие, била соборен храм на Охридската архиепископија. Најстариот живопис во храмот е насликан со ктиторскиот залог на архиепископот Лав, кој столувал од 1037 до 1056 година. Темелите на св. Софија во византискиот период се поставени врз остатоците на постара градба, која веројатно потекнувала од времето на Св. Климент, исто како што духовните темели на Охридската архиепископија почиваат врз традициите и црковната организација создадена од св. Климент.

Read More Go to top

12. Свети Јован Канео

Црквата св. Јован Богослов, наречена Канео според охридската населба во која е лоцирана, е репрезент на градителските и сликарските тенденции од последните децении на 13 столетие, Портретот на св. Климент бил поставен на истакнато место, во низата допојасни претстави на црковни отци во централната апсида на олтарниот простор. Црквата св. Јован Канео била вклучена и во народното предание поврзано со исцелителската дејност на светителот. Легендата раскажува дека барајќи лек за својата болна ќерка, мајката на некоја глува и нема девојка отишла по совет кај св. Климент. Благоразумниот светител ја упатил девојката на полноќ на слезе крај езерото и да се напие од пенливата вода која останува по брановите кои удираат во карпите под Канео. Божјата промисла одлучила токму тука да биде лекот за девојката.

Read More Go to top

13. Света Спас, село Лескоец

Црквата посветена на Христовото вознесение, позната како Св. Спас, била осветена во годината 1461/2, која е спомената во ктиторскиот натпис од наос. Ктитор на црквата бил спахијата Тоде и неговата жена Вулка, претставници на христијанското благородништво во рамките на Османлиската империја. Портретот на св. Климент е насликан до претставата на ктиторскиот пар на јужниот ѕид. Улогата на светителот како заштитник на Охрид е истакната преку неговото претставување со моделот на градот кој го принесува кон чудотворецот и исцелителот св. Никола Мирилиски.

Read More Go to top

14. Свети Богородица, село Велестово

Богородичната црква во Велестово со скромните димензии и опус на ѕидање ги претставува изменетите текови на градителството карактеристични за 15 век. Сликаната програма во ентериерот на храмот е производ на две сликарски фази, реализирани во 1444 и 1400/1 година. Следејќи ги востановените охридски традиции за сликањето на претставата на св. Климент, сликарот во првата фаза на декорацијата на велестовската црква го истакнал силниот култ на светителот преку позиционирањето на неговата фигура во првата зона, помеѓу фигурите на Богородица Застапничка и св. Никола

Read More Go to top

15. Св. Богородица, Пештани

Храмот на пресвета Богородица кај селото Пештани е сместен во природна пештера на патот кој води од Охрид кон манастирот Свети Наум. Црквата била осветна најдоцна во средината на XIV век, кога се извршило и нејзиното фрескоживописување. Портретот на св. Климент е насликан во меѓузоната со светителски бисти на јужниот ѕид на наосот, придружен од св. Наум и светите Бесребреници Кузман и Дамјан, св. Антониј и св. Ефтимиј.

Read More Go to top

16. Света Богородица Заумска

Од сочуваниот ктиторски натпис се дознава дека црквата Богородица Заумска е подигната од ќесарот Гргур, претставник на високото благородништво од времето на српскиот цар Урош V (1355-1371), а сликаната декорација на храмот е изработена по нарачка на деволскиот епископ Григориј во 1361 година. Претставата на св. Климент е насликана помеѓу фигурите на св. Никола и св. Наум на јужниот ѕид на храмот. Преку придружувањето до мирилискиот првосвештеник св. Никола, истакната е архијерејската и застапничката улога на св. Климент, а со сликањето на неговиот собрат св. Наум е направена реминисценција на нивната заедничка мисионерска и просветителска дејност

Read More Go to top

17. Свети Наум

Првобитната градба на манастирската црква посветена на Светите Архангели била изградена по желбите и насоките на св. Наум и денес се смета за еден од најстарите центри на монаштвото на Балканот. Манастирските цркви Св. Архангели на св. Наум и Св. Пантелејмон на св. Климент биле подигнати речиси истовремено следејќи ги истите архитектонски концепти, а потоа станале вечни почивалишта на своите свети ктитори.

Read More Go to top

18. Пресвета Богородица, село Калишта

Изградбата и декорирањето на пештерната црква посветена на Раѓањето на пресвета Богородица, не е временски определено, но најстариот сочуван фрескоживопис е датиран во XVI век. Ликот на св. Климент е претставен заедно со претставата на неговиот учител св. Кирил во линета на северниот ѕид на црквата. Двајцата светители се претствени во литургиски облеки, како чинодејствуваат на Светата литургија. Претставата на св. Климент заедно со неговиот учител го прикажува взаемниот развој на нивниот култ, но нивната поврзаноста со духовната традиција на Охридската диецеза.

Read More Go to top

19. Архангел Михаил, село Радожда

Адаптирана е како храм во природна пештера во карпите над селото Радожда, кај Струга. Веројатно била осветена пред или во XIII век, а нејзин светителски патрон е св. Архангел Михаил, војсководителот на Небесните Сили. Постариот дел од сочуваниот фрескоживопис се датира од XIII век, но кон крајот на XIV век се случило повторно живописување на овој пештерен храм. Во првата зона на западниот ѕид од нартексот се идентификува и портретот на св. Климент Охридски, којшто се насликал покрај оние на св. Герасим, св. Антониј и св. Никола Чудотворец.

Read More Go to top