MK | EN


Покрај југоисточниот брег на Езерото, на половина час пат со брод од Охрид, лоцирана е црквата Света Богородица - Заум, споменик кој сведочи за репрезентативните уметнички дострели од почетокот на втората половина од XIV век. Расположена во еколошкиот мир на раскошното зеленило и ситуирана во плодните дланки на природниот хоризонт, црквата на манастир Заум прилега на бисерна школка која мирува во тивките бранови на зелениот крајбрежен појас.

Подигната на подрачјето на Деволската епархија во 1361 година, таа претставува благороден тестамент за ктиторската соработка меѓу црковните достоинственици и световните феудални благородници. Изградена со средствата на ќесарот Гргур, финансиски моќник и висок аристократ, дојденец од Захумската област во Херцеговина и живописана со материјалните прилози и со организациските заложби на деволскиот епископ Григориј, Богородичината црква израснала во споменик на репрезентативните градителски модели и на рафинираните ликовни достигнувања на почетокот од седмата деценија на XIV столетие. Апсорбирајќи ги одликите на постарите архитектонски матрици, доминантни во охридското сакрално градежништво од крајот на претходниот век и визуелизирајќи ги дворските стилски тенденции на мајсторите - миленици на црковното благородништво, Заумскиот храм е едно од ремек - делата на Охридскиот средновековен културен круг.

По својот архитектонски аранжман, Богородичината црква на манастир Заум претставува крстообразна градба со правоаголен габарит на основата, засведена со октогонална купола на камени столбови. На источната страна, црковниот екстериер го сочинува тристраната апсида која го врамува олтарниот простор, додека во ентериерот, правоаголни травеи во источните агли на градбата ја примиле на себе улогата за функционално користење на помошни простории. Така, протезисот и ѓакониконот форматирани бочно од олтарот, добиле само полукружни ниши во источниот ѕид, но функцијата на северната помошна просторија била зајакната со пробивањето на една правоаголна ниша северозападно од апсидата на проскомидијата. Конструкцијата на светилишниот простор и потребите на литургиската служба имплицирале поголеми димензии во проекцијата на источниот, предкуполен травеј, кој е речиси два пати подолг во однос на западниот. Скратувањето на западниот травеј, пак, од своја страна, укажува на веројатноста дека западно од наосот на црквата бил просторно обликуван уште еден дел на градбата кој е срушен во подоцнежните времиња. Остатоците од тремот кои денес се забележуваат на бочните потези од западната фасада, припаѓаат на делот од црковната градба кој бил дограден по подигнувањето на црквата со профилактичка улога и наменет да го заштитува фрескоживописот аплициран над и околу влезот во храмот.

Наспроти погрубата структура на градителскиот опус на фасадните ѕидови, куполата на црквата која елегантно се издига над полукружните силуети на сводниот појас, е изведена од камени блокови и од хоризонтално поставени тули. Нејзиниот брановиден венец почива на вертикални колонки, кои се дизајнирани идентично како и останатите површини на сите осум страни на тамбурот, што создава декоративен впечаток на визуелно единство во концептот на изведбата. Во контекст на фасадниот украс, слепите ниши се највпечатливиот елемент, кој ги разбива ѕидните површини и создава пластични ефекти во обликувањето на црковниот екстериер. Керамопластичната декорација е особено богата и содржи голем „асортиман“ на живописни естетски компоненти. Меандарот, цик-цак лентите и пикторескниот опус ретицулатум со камени и керамички плочки, се само некои од декоративните модели на заумските неимари во остварувањето на керамопластичните финеси на црковните фасади.

Сликарството на храмот, аранжирано во куполниот појас, на ѕидните површини во олтарот и на западната фасада на црквата е дело на мајстори кои не се плашеле да исчекорат во зоната на иконографските експерименти и на стилско–ликовните истражувања и новитети. Спонзориран од епископскиот поглавар на Деволската епархија, истовремено првопрестолен достоинственик на Охридскиот архиепископски трон Григориј, фрескоансамблот на црквата Света Богородица Заумска ги носи обележјата на рафинираниот ктиторски вкус во вообличувањето на тематските целости и во визуелизирањето на иконографските содржини. Празничниот циклус, илустрацијата на Страсните настани, Богородичиното житие и Успенскиот циклус го сочинуваат јадрото на програмската концепција во прикажувањето на Христијанската вселена преку претставувањето на најзначајните настани од почетокот на Христовата епоха. Меѓу членовите на мошне впечатливата галерија на светителски личности насликана во првата зона, монументалната претстава на Христос Страшен Судија седнат на својот раскошен трон, импресивните фигури на светите Климент и Наум Охридски, забележителниот портрет на свети Никола Мирликиски, нежните ликови на светите исцелители и аскетските изведби на пустиниците се обединиле во репрезентативна асамблеја на најомилените заштитници и помошници на верниците. Сепак, појавата на света Ана Млекопитателка, чија фигура е вклучена меѓу претставите на стоечките светители, е еден од најголемите „ексклузивитети“ на заумското сликарство. Прикажан во крајно суптилна и мајчински нежна иконографска варијанта, а сепак со нагласено експликативна и впечатливо дескриптивна визуелна конотација, ликот на света Ана Млекопитателка е едно од најживописните обележја на светителските претстави во сликаната декорација на црквата.

Фрескоживописот на западната фасада кој го врамува влезниот портал ја илустрира претставата на Небесниот дворец, автентична иконографска целина карактеристична за сликарството на македонското подрачје од средината и втората половина на XIV век. Визуелизирајќи ги стиховите на 44-от Давидов псалм кој ја опева и ја слави раскошната вечност на небесните благородници, илустрацијата на оваа специфична програмска содржина ја украсила површината на фасадниот ѕид со елементите на една промислено конципирана и просторно соодветно елаборирана иконографска конфигурација. Монументалната фигура на Христос кој столува на својот престол фланкиран од ликовите на Богородица и Јован Крстител и сместен во нишата над порталот, бистите на старозаветните цареви и праведници и фигурите на првоапостолите прикажани на довратниците, како и аристократските изведби на светите воини на фасадниот ѕид се главните структурални елементи во претставувањето на раскошната иконографија на Небесниот дворец. Владетелските одори на Христос и Богородица, гламурозните костими на старозаветните цареви и дворските облеки на воинствените светители се најзабележителните иконографски нијанси во прикажувањето на врховните ингеренции и на благородничкиот авторитет на светителските избраници.

Според својата стилска припадност, мајсторите - автори на заумскиот живопис ги негуваат лирските предиспозиции во уметничкото творештво и развиваат рафинирана постапка во изведбата на ликовните компоненти. Конципирајќи ги претставите со извонредно чувство за пропорционална организација на композициските елементи, сликарите на заумскиот храм создаваат прегледни и јасни сценски решенија, со совршена интеракција на фигуралниот ансамбл и на сценографските обележја на просторот. Витките фигури кои со своите лесни и ненаметливи движења го исполнуваат првиот план на глетките се носители на свежиот и непретенциозен динамички набој, карактеристичен за дворското сликарство од средината на XIV век. Рафинираната моделација на формите, доловена со благи заоблувања и со плоско третирање на обоените површини, се надоврзува на суптилниот однос на сликарите кон доловувањето на деликатните оптички ефекти. Светлата колористичка гама, од која бликаат бледите нијанси на виолетовиот спектар, зачинети со тактилни одблесоци на сините и зелени валери, искричавите портокалови преливи кои зрачат со свежата колористичка енергија на живописната боена палета, и аристократската амплитуда на длабокиот пурпур кој ги голта меките тонови на проѕирниот оптички резонат, се најсуптилните изразни средства на мајсторите во градењето на благородните созвучја и лирскиот рафинман на заумското сликарство.

(E. Димитрова, Охрид – Sub specie aeternitatis, Охрид 2010, 228-233)