MK | EN


На неколку стотини метри северозападно од локацијата на Болничките цркви, се наоѓа уште еден бисер на средновековната охридска сакрална стратиграфија, малиот храм посветен на Свети Климент, изграден и декориран со фрескоживопис во 1378 година. Еднокорабен по својата диспозиција, со скромни димензии и едноставна архитектонска основа, со плитка олтарна апсида и со вообичаен полуцилиндричен свод, овој сакрален објект, наречен од охридските жители Мал Свети Климент, е ктиторска донација на духовникот Стефан, свештеник на Болничката енорија. Веројатноста малата црква посветена на охридскиот патрон да била подигната како параклис за семејството на ктиторот кој служел во сакралните центри на Болничкото маало е поткрепена со пишаните податоци зачувани над јужниот влез, како и со специфично конципираната сликана програма на ѕидовите од црквата. Редуцираниот циклус на Големите празници кои ги декорирале горните зони, олтарниот ансамбл и галеријата на стоечки светители во најнискиот регистар се елементите на сликаниот аранжман кој во ограничениот простор на еднокорабната градба манифестира оптимален број на иконографски структурални компоненти. Претставите на светите Климент и Наум, ликот на свети Никола Мирликиски, портретот на света Петка, изведбите на светите бесребреници Кузман и Дамјан и фигурите на христијанските заштитници Константин и Елена се најрепрезентативните компоненти на светителската асамблеја, која ги обединила претставниците на екуменската и на Охридската црковна инстиутуција.

Во стилски поглед, сликарството на Мал Свети Климент манифестира речиси традиционален ликовен приод во решавањето на уметничките предизвици. Лишено од експерименти, од посмели исчекорувања во сферата на креативната слобода и од стилски новитети, фрескосликарството на оваа црква се надоврзува на творештвото на охридските градски работилници од претходната деценија. Работејќи под силно влијание на најдобриот охридски сликар од седмата деценија на XIV век, мајсторот на капелите во Света Богородица Перивлепта и оригиналниот автор на Болничкиот Богородичин храм, зографите на Климентовата црква настојувале да внесат поголема ликовна енергија во обликувањето на формите и особено во моделацијата на пластичните одлики на претставите. Солидно конципирани и оживеани со голем број поединости, композициските структури покажуваат тенденција кон динамичен концепт на нивниот аранжман, особено во поглед на живописниот распоред на фигуралните компоненти. Елаборацијата на композициските матрици, крупниот формат на фигуралните изведби и внимателната обработка на драпериите се најпрепознатливите одлики на главниот мајстор на сликаната декорација, по своите стилски разбирања, верен следбеник на делото на реномираната Охридска сликарска школа од претходната деценија. Со ненаметливото естетизирање на декоративниот впечаток преку акцентирањето на формалната убавина во прикажувањето на ликовите и особено со заситените валери на топлата колористичка палета, авторот на фрескоживописот во црквата Мал Свети Климент ги одржувал во живот ликовните квалитети на своите претходници во охридската уметничка средина од осмата деценија на XIV столетие.

(E. Димитрова, Охрид – Sub specie aeternitatis, Охрид 2010, 202-203)