MK | EN


Климент Охридски, колку и да бил далеку од Охрид, според неговото житие, секогаш со радост се враќал во манастирот што самиот го подигнал. Токму неговиот манастир станал стожерот на просветата и напредокот на македонските Словени. Подигнат на зарамнетото плато наречено Плаошник, со доминантна позиција и прекрасни визури кон езерото, Климентовиот манастир доминирал со својата позиција на источниот крај на стариот град. Ваквата поставеност на манастирот сепак била одредена од други фактори. Имено, во овој дел на градот, има остатоци од повеќе црковни објекти од ранохристијанскиот период, па со право се верува дека тука било седиштето на Лихнидската епископија. Две градби импресионираат со своите димензии и градежни концепти. Тоа се поликонхалната црква и ранохристијанската базилика; првата со комплексни форми и софистицирана типологија поврзана со мартириумите, а втората со пространоста, ритамот и строгоста на официјалната хиерархија како прототип за катедрална црква. Свети Климент Охридски тука го вгнездил својот манастир, а неговиот католикон бил поставен во олтарот на големата базилика, не случајно, зошто многу веројатно тоа била катедралата на старата епископија. Како што доликувало на големиот ерудит, со овој потег тој јасно ги искажал своите намери за премостување на мрачното доба и почетокот на обновата.

Со последните археолошки истражувања на локалитетот Плаошник, проследени и со обнова на разурнатиот католикон во сите негови фази на градба, јасно се разрешија дилемите околу градењето на првобитната Климентова црква. Имено, треба да се отфрлат поранешните мислења дека Климент обновил постар триконхос што тука го нашол во рушевини. Напротив, Климент од темел го изградил триконхосот како католикон за својот манастир. Со тоа тој јасно го насочува својот избор кон една продуховена форма на градба која не била многу фреквентна, но имала долги традиции во градежната историја.

Caellatrichora, стои како типолошка значка за многу гробни градби, најмногу поврзани со ранохристијанските мартириуми, а тие ќе се пренесат и понатаму во Јустинијановиот период насекаде низ христијанскиот свет. Притоа, нивната појава и дистрибуција ќе биде полицентрично одредена без некоја силна територијална и хронолошка зависност кај подалечните области. Балканските подрачја не се исклучени од овие пошироки архитектонски струења, како една од областите што ќе биде дел од прифаќањето на типот. Во периодот на редуцирана уметничка продукција помеѓу VII-IX век, триконхалниот план ќе најде свое место при градењето на црковните објекти. Тоа ја потенцира неговата подобност и прифатливост од ктиторите во разните временски периоди и во различните подрачја (Византија, Италија, Франција, Северна Африка). Не е сосема јасно дали појавата на триконхалните цркви во периодот на обнова (IX-XI век) се должи на неговото континуирано траење, или пак на тенденцијата на враќање кон постарите христијански обрасци. Забележлива е неговата ретка појава во овој период на Запад (со исклучок на некои комплексни варијанти во архитектурата на Каролинзите), наспроти неговата ревитализација во областите на византискиот културен круг. Охридското подрачје доминира во таквата тенденција и тука има најмногу триконхални цркви изградени во овој период. Клучната улога во значајното анимирање на типот ја има свети Климент Охридски.

Секако дека прашањето на личен избор е неприкосновено и во исто време многу комплексно. Климент како личност од голем формат, со знаења што ги досегале врвовите на времето кога живеел, на располагање имал цел еден спектар на решенија за црквата што сакал да ја изгради како католикон на својот манастир. Неговиот избор бил образецот на триконхалните градби. Во кој обем врз неговиот избор влијаела долгата традиција за подигање на овој тип на градби тешко е да се каже, но не смее да се занемари податокот за поврзаноста на cаellatrichora со гробната намена, а една од функциите на Климентовата градба била токму како негова гробна црква, зошто јасно во неговото житие се нагласува дека тој сам си го приготвил гробот на десната страна во предниот дел на пронаосот.

Tрадицијата за градење на конхални градби во ранохристијанскиот, и периодот што следел, може да се забележи и во Охридскиот крај. Грандиозната тетраконхална црква на Плаошник, подигната како меморија на некој маченик чие име не го знаеме, на својот јужен крај има триконхална крстилница. Кога Климент ја осетил силата и продуховеноста на стариот Плаошник, сигурно пред себе ги имал остатоците од постарите градби поврзани со Лихнидската епископија. Комплексот на тетраконхалната градба со својата доминација во просторот можел да биде делумна инспирација за свети Климент. Овие градби и денес пленат со остварената комплексност и функционалност на планот и симболиката на применетите форми во нивната архитектура.

(Е. Димитрова, С. Коруновски, С. Грандаковска, Средновековна Македонија. Култура и уметност, во Македонија. Милениумски културно-историски факти 3, Скопје 2013, 1539-1541)

Паралелно со етаблирањето на најраните форми на едукативните активности, кои требало да ги трансформираат словенските аналфабети во беневолентни поданици на христијанската културна традиција, Климент, големиот книжевник и преведувач, стрпливиот педагог и андрагог, инспиративниот псалмопеец и мелопоет и мудриот теолог и беседник, ги воспоставил и најстарите основи на архитектонското творештво, т. е. го формирал нуклеусот на градителската практика, отворајќи ја портата за градежништвото на средновековната епоха.

Подигнувајќи го нешто пред 893 година својот мавзолејски храм посветен на Свети Пантелејмон на Плаошник, чиj конструктивен концепт и просторен дизајн ги избрал од визуелниот „каталог“ на античкото градителско наследство зачувано во стратиграфијата на овој локалитет, Климент вкоренил една специфична типологија на градби која најдобро ја одразувала неговата сестрана ученост, како и неговиот рафиниран архитектонски вкус. Трихонхалната основа на црквата, тристраниот периметар на апсидалниот ѕид, обликувањето на полукружните певници со ниши во источниот дел на внатрешните ѕидни линии, монументалната купола, сместувањето на гробната конструкција во пронаосот на градбата и рустичниот ѕидарски опус се елементите откриени под масивните пресоградби на храмот, изведени во текот на средновековната и постмедиевалната епоха. Избирајќи централен тип на архитектонски објект, Климент создал компактен простор соодветен на потребите за интимна комуникација на верниците со Бога, за спиритуален разговор кој благородно се форматирал во ехото што го создавале сферичните површини, за медитативна егзалтација кон духовниот свет на сакралните трансверзали. Ктиторирајќи го, можеби, најстариот примерок на триконхална градба на македонската територија, тој ја воспоставил репрезентативната традиција за градење на компактни триконхоси, која набргу ќе се рашири на подрачјето на византискиот Балкан.

Мавзолејската функција на храмот, во кој Климент бил погребан по својата смрт во 916 година, подразбирала подигање на западен дел до црквата, како најсоодветна локација за фунерарниот „дом“ на ктиторот, што се совпаѓа со наводите на Теофилакт, Охридски архиепископ, книжевник и ерудит од крајот на XI и почетокот на XII век, кој во Климентовото житие го позиционира неговиот гроб во пронаосот на градбата. Светоста на Климентовата гробница и чудотворната моќ на неговите мошти разгорена во мечтите на христијанските верници иницирале значителни градежни интервенции и во подоцнежните векови, кога на западната страна од храмот била подигната репрезентативна доградба со крстообразна диспозиција, засведена со купола на слободни столбови. Опфаќајќи ја гробната структура во својот североисточен агол, овој новодограден дел ја презел функцијата на наос, додека постариот триконхос се претворил во олтарен простор на храмот. Со подигањето правоаголен нартекс на западната страна, градбата попримила репрезентативен изглед на комплексна архитектонска структура, достојна на значењето и функцијата на Светиклиментовиот сепулкрум. Така, триконхалниот дел изграден во крајот на IX век и крстообразното решение доградено до постарата структура во текот на XIV столетие (на што укажуваат просторниот дизајн и елементите на ѕидарскиот опус), се обединиле во сакрален објект со репрезентативни размери и живописна архитектонска конструкција, рефлектирајќи ги градителските тенденции на средновизантиската епоха овоплотени на македонското подрачје.

Конверзијата на Светиклиментовата црква во исламски религиозен објект по османлиската инвазија на македонската територија во XV век, профилактичката дислокација на светителските мошти на посигурно место во горниот дел од градот, обидот за реставрација на христијанското светилиште во поствизантискиот период и грандиозната обнова на оригиналниот храм во почетокот на XXI столетие, се клучните епизоди во милениумскиот живот на култното почивалиште на свети Климент Охридски. И покрај козметичките „недостатоци“ на репрезентативно „воскреснатиот“ Светиклиментов храм, кој денес се издига на широкото плато во јужниот дел од градот, како што се претерано раскошната ѕидарија, несоодветните архитектонски додатоци кон манастирскиот комплекс и губитокот на оригиналните слоеви средновековен фрескоживопис (зачуван во фрагменти и музеолошки презентиран во ентериерот на градбата), велелепната црква на Плаошник е едно од најубавите дела на христијанската градителска традиција во нашите краишта. Нејзината маркантна силуета, разиграниот ритам на архитектонската концепција, живописно моделираните фасади, деликатниот вкус за декоративни елементи и грижливо презервираните автентични градителски компоненти во ентериерот, се обележјата на една од главните одредници во богатиот каталог на охридската средновековна архитектура. Со богатството на формите, рафинманот на фасадната декорација, топлината на храмовиот ентериер и магичната моќ на скапоцените светителски мошти, обновената Светиклиментова црква го претставува духовното јадро на градот, пулсирачкиот крвоток на охридското православие во неговиот најблагороден и најраскошен облик. Плаошник доживеа свој препород на прагот од третиот милениум. По повод 2000 години христијанство во Македонија и светот, во времето од 1999-2002 година беше реализирана првата фаза од големиот проект: Возобновување на Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон. Султан Мехмед Xамијата беше дислоцирана, а на нејзиното место, на преостанатите темели од урнатата црква кои веќе четири века беа во внатрешноста на Xамијата заедно со гробот на Светителот кој сам си го изградил и во кого бил потоа (916 година) погребен, повторно беше подигната црквата како „исплетена и извезена народна градба“.

(E. Димитрова, Охрид – Sub specie aeternitatis, Охрид 2010, 133-137)

Манастирскиот простор на Плаошник бил божествено место од кое дишела светоста и чистотата на човечкиот дух, оплеменети и возвишени од пресветиот Климент. Тука, на дрвените клупи, по патеките заградени со спитомените тревки и растенија, се движеле свештени лица и други намерници и ученици, читајќи ги божјите слова од богатата ризница на Светиклиментовата книжевна продукција. Охридската книжевна школа од тие времиња, независно од различните филозофски постулати, наликува на Платоновата академија од времето на процутот на античката цивилизација. Светиклиментовата академија имала христијанско-филозофски полнеж со хуманистичка големина, која ги надминувала сите дотогашни и многу последователни силни академски формации кои егзистирале во познатиот свет и низ времињата на неговата историја.

Бидејќи на едно исто место во значајните периоди од историјата на светот биле градени пагански храмови, ранохристијански цркви, средновековни христијански цркви, Xамија, Плаошник е всушност едно од најсветите места во светот, еден духовен космополитизам кој ги спојува позитивните изблици на различните религиски филозофски содржини, една грандиозна светлина од разни бои, еден извор на вредности во кого се собрани пагански, христијански и исламски еликсирни капки на хуманистички екстракти.

Од 2007 година натака се реализира втората фаза на Светиклиментовите културно- историски вредности, односно започна реализацијата на возобновување на Светиклиментовиот универзитет. Во истражувачката програма најзначајно место заземаше археолошката потрага по остатоците од старите манастирски конаци во кои, најверојатно, Свети Климент и неговите соработници ја реализирале својата научна и просветителска дејност. И не само тие, туку и нивните наследници кои го продолжиле Светиклиментовото дело. Значи, со овие систематски археолошки истражувања беа откриени културни хоризонти исклучително богати со материјална култура од сите периоди, односно како што е веќе спомнато, некаде од крајот на бронзеното и железното време, континуирано преку архајскиот и раноантичкиот период, преку македонско- хеленистичкиот и римскиот период, до силната доцна антика и раното христијанство и што беше најважно, навистина беа откриени остатоци од средновековни градби кои со сигурност беа констатирани како остатоци од манастирските конаци, западно за дваесеттина метри од возобновената Светиклиментова црква.

Тоа се потврди и со двете поголеми депоа на монети откриени покрај западните ѕидови од градбите: едното со 1389 венецијански сребрени монети од XIII и XIV век зачувани во керамичен сад и другото, од 3189 бронзени трахеи зачувани во тканина (најверојатно вреќа) главно од XIII век. Ова се значи, архитектонските остатоци кои најверојатно првобитно биле подигнати во Светиклиментово време, а се одржале до времето на Отоманската доминација на овие простори. Горното говори и за тоа дека тука се одвивала и просветителската дејност на Св. Климент Охридски, како и последователно на неговите ученици и наследници. Овде се формирала т.н. Светиклиментова книжевна школа или Светиклиментовата книжевна академија, односно со други зборови тука всушност функционирал Светиклиментовиот универзитет во крајот на IX и почетокот на X век.

Македонија одлучи да го возобнови овој културен и просветен монумент на македонската историја и заедно со Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон на Плаошник повторно да блесне вкупноста на црковното и световното жариште, на најсветото место за Македонија и целиот словенски род (Плаошник). Во возобновениот „универзитетски комплекс“ е предвидено да функционираат: Музеј на Плаошник, Светиклиментова библиотека, Галерија на икони, Институт за хуманистички науки, монашки објекти и Богословски факултет. Западно, до боровата шума, ќе бидат поредени архитектонски згради на повеќе светски универзитети кои со своите присуства уште повеќе ќе го искачат „Светиклиментовиот архитектонски и духовен комплекс“ од третиот милениум до пиедестални височини во рамките на универзалните вредности.

Архитектонските облици кои ќе ја заокружат амбиенталната целина на Плаошник ќе треба да бидат вклопени во просторот така што ќе претставуваат симбиоза на сите релевантни околности: сакрални и световни, историски и современи. Исто така, во боровата шума меѓу Плаошник и стрмниот брег на езерото над Лабино, ќе биде возобновена „Светиклиментова градина“ со патеки, клупи и бунгалови. Да седат на клупите, да читаат, да се одмораат и да мечтаат луѓето од Светиклиментовата сегашна и идна ера. Доаѓањето и тридецениското работење на Св. Климент Охридски во Охрид е траен историски и свет чин. Светиклиментовата ера за Охрид и целото словенство трае повеќе од илјада години, а ќе трае сé додека постои светот. Тој е „како џин од чие срце блика топлина и преголема добрина“.

(П. Кузман, Охрид – Sub specie aeternitatis, Охрид 2010, 117-122)