MK | EN


Во непосредна близина на црквата Свети Константин и Елена, а во ареалот на Света Богородица Перивлепта (Свети Климент) на потегот кон Горната градска порта, лоциран е малиот храм посветен на Свети Димитрија. Тој припаѓа на поскромните охридски сакрални заветнини и има еднобродна архитектонска диспозиција на основата, со единствена, тристрана олтарна апсида. Градена од кршен камен, со помала примена на тула во ѕидарскиот опус и покриена со двосливна покривна конструкција, црквата Свети Димитрија ги одразува поскромните финансиски вложувања и ктиторски можности на непознатиот донатор на храмот. Мала по своите димензии и робусна во фасадниот „израз“, таа претставува „каталошки“ примерок на охридското црковно градителство од крајот на XIV столетие. Егзистирајќи како параклис на црквата Света Богородица Перивлепта (Свети Климент), храмот на Свети Димитрија ја продожува традицијата на малите еднокорабни охридски цркви, надоврзувајќи се истовремено и на нивните веќе традиционално воспоставени тематски и содржински ликовни компоненти. Иако недостатокот на пишани податоци и ктиторски записи го оневозможува прецизното датирање на градбата и на декорацијата изведена во храмот, иконографските одлики на програмата и стилските особености на најголемиот дел од сочуваниот сликарски аранжман упатуваат на последните две децении на XIV век.

Од некогашниот фрескоансамбл на црквата, зачувани се неколку сцени и фрагментарно презервирани партии од илустрацијата на Празничниот циклус, кои манифестираат стандардна иконографска разработка на композициските структури, елаборирани под влијание на ликовните модели од постарите еднобродни охридски храмови. Проникнати со темпераментните движења на прикажаните фигури и исполнети со мноштво поединости и детали, композициите на Христолошкиот циклус во црквата не ги напуштаат традиционалните узанси на динамичниот ликовен израз на охридските градски атељеа. Меѓу стоечките фигури претставени во првата зона од декоративната програма на храмот доминираат ликовите на светите воини кои го придружуваат патронот свети Димитрија, прикажан со витешка гордост на својата стамена појавност. Портретот на свети Климент, ликовите на маченичките, фигурите на светите Константин и Елена и претставата на свети Никола се зачуваните елементи на светителскиот хор, аранжиран на ѕидовите од храмовиот енетериер. Без отстапувања од традиционалниот концепт во структурирањето на светителската зона во помалите еднобродни цркви на Охридската диецеза, скромната галерија на светителски репрезенти во Свети Димитрија ги вклучува само најзначајните заштитници и традиционално почитуваните миленици на верничката паства.

Мајсторите, автори на овој живописан ансамбл се претставници на традиционалните ликовни текови на охридската уметничка средина од втората половина на XIV век. Негувајќи го солидно формулираниот ликовен приод кон моделацијата на формите и кон изведбата на цртежот и на сценските елементи, тие рутински ги повторуваат веќе видените клишеа на своите претходници без поголема желба за творечка слобода и за стилски експерименти. Сепак, живописноста на глетките доловена со продлабочување на плановите во структурирањето на просторот и темпераментниот виор на спонтани движења на фигуралните компоненти, придонесле за забележителната непосредност на оптичкиот впечаток и за наивната свежина во визуелната проекција на прикажаните настани. Далеку од репрезентативните текови на охридското сликарство од втората половина на XIV столетие, живописот на црквата Свети Димитрија го најавува завршетокот на една голема епоха, исполнета со интересни програмски новитети и со вредни естетски остварувања. Плитко во доловувањето на емоционалните резонанци и воздржано во постигнувањето на впечатлива ликовна атмосфера, сликарството на малата охридска црква посветена на Свети Димитрија ги рефлектира уметничките консеквенци од затворениот круг на градските атељеа во самиот крај на XIV столетие. Во олтарниот појас на црквата, непознат зограф од XIX век ја насликал претставата на Богородица Платитера и ги извел фигурите на црковните отци во Литургиската служба, прикажана во првата зона.

На иконостасот се наоѓаат иконописни дела, творби на талентирани мајстори од XIX столетие и монументален крст изработен во резба и датиран во периодот на Преродбата.

(E. Димитрова, Охрид – Sub specie aeternitatis, Охрид 2010, 221-223)