MK | EN


Архитектонската продукција во Охрид, како втор активен центар во Македонија во XIII век, според зачуваните дела е ограничена на последните две децении на векот. Притоа, најстарото дело кое ќе го пробие градежниот пост е црквата Свети Јован Богослов. Сместена на клифовите на Охридското Езеро во месноста Канео, според местоположбата црквата претставува единствен спој на природата и човековата градежна умешност. Круна на ваквата спектакуларна интерполација е градбата доведена до совршени пропорциски соодноси на планот и елевацијата. Кон ваквиот успешен изглед на средновековната градба, свој удел има и „пуристичкиот” пристап на градителот, кој ја исчистил градбата од сите додатоци па во основата ја свел само на јадро од типот на впишан крст со купола. Со тоа црквата Свети Јован Канео ги продолжува постарите традиции за примена на овој типолошки образец. Имено, таа е првата градба од доцновизанискиот период која во македонската архитектура ќе го ревитализира најфреквентниот типолошки модел во византиската архитектура.

Во периодот кога црковните анекси се главното поле на делување на архитектите, прочистената основа на Канео делува помалку ретроградно и конзервативно. Ставена во контекст со конзервативните рефлексии на сликарските остварувања во внатрешноста, црквата Свети Јован јасно ги рефлектира позициите на ктиторот чие име со оштетувањата на градбата во неповрат се изгубило. Тоа е интегрален пристап во кој се негуваат традиционалните вредности и малку има место за новини и експерименти. Сепак, таквиот пристап ни малку не ги засенил амбициите на градителите, кои успеале врз поедноставената и традиционална шема на основата да изведат ремек дело на архитектурата. На прочистениот и стандардизиран ќелијаст градежен слог, ќе се аплицира структурно логична артикулација со ниши кои кореспондираат на внатрешната положба на главниот травеј, додека на исток, керамопластичната декорација е сведена само на „античките” опус ретикулатум и меандер, и тоа посведочени во најраната ваква нивна појава во македонската архитектура; меандерот изведуван со две патеки и ретикулатумот изведуван со камени и керамички плочки со двобоен изглед.

Куполата кај црквата Свети Јован Канео заслужува посебно внимание. Едноставно со секој свој детал, како и со вкупниот изглед воодушевува со постигнатата складност. Сите обиди да се пронајде изворот на оваа купола како некој претходен прототип останувале безуспешни. Триаголните кровни завршетоци, тројните лакови аплицирани под нив, камените колонети на аглите на осмостраниот тамбур ја прават куполата на црквата единствена и како целина до тогаш невидена.

Црквата Свети Јован Богослов Канео со својата архитектура ќе биде нуклеусот од каде што ќе тргне една плодна градежна продукција во Охрид на крајот од XIII век и почетокот на XIV век. Без разлика дали се работело за нови градби или пак за проширување на постарите, охридската градежна група ќе развие кохерентна архитектура која ќе ги достигне врвовите на византиската архитектура од стилската групација на раната архитектура на Палеолозите.

Дел од зографите кои припаѓале на ателјето на ѓаконот и референдар Јован, ја извеле сликаната декорација на црквата Свети Јован Богослов - Канео во Охрид (осма деценија на XIII век). Долго време запоставен и сурово оштетен, фрескоансамблот на храмот е зачуван единствено во куполата и во олтарниот простор, како елементи кои, во извесна мера, ја одредуваат и програмската концепција на некогашната фрескопанорама. Пантократорот и пророчката низа во калотата и тамбурот, евхаристично-литургиските содржини во олтарот, индикациите за илустрацијата на Празничниот циклус и Страсната сторија и бистите на угледните православни архијереи, ги претставуваат основните тематски сижеа во декорацијата на охридската црква. Поради недостатокот на податоци за историјатот на храмот, како и за социјалните обележја на ктиторската иницијатива на непознатиот донатор, невозможно е да се одреди попрецизно функцијата на овој сакрален објект, ниту неговото значење за уметноста во Охридската диецеза. Портретирањето на свети Константин Кавасила, чија најстара претстава не само што е зачувана во рамките на олтарната декорација, туку е и вклучена во свечената поворка на Литургиската служба, е секако потврда за теолошката ерудиција на ктиторот и за неговото почитување на охридските црковни авторитети. Вклучувањето на угледниот Охридски архиепископ Кавасила во епископската церемонија само неколку децении по неговата земна смрт, е повеќе од сведоштво за амбициозниот напор на донаторот за воспоставување на современите локални светителски култови.

Двоецот мајстори, кои според анализата на сликаниот аранжман на храмот, ја извелe зачуваната фрескодекорација, припаѓа на ликовните принципи негувани во ателјето на ѓаконот Јован. Произлегувајќи од базичните структури на доцнокомненската ликовна традиција и протежирајќи го графицистичко-линеаристичкиот пристап во моделацијата на формите, сликарите на Канео остануваат во сферата на плоското обликување и на силното контурирање на визуелните елементи. Акцентираниот цртеж, конзервативно обликуваната силуета на прикажаните фигури, недостатокот на свежа енергија во изведбата на фацијалниот израз на претставените светители и апликацијата на старомодни иконографски решенија во композициите, говорат за зографи кои по својот ликовен талент не можеле да се мерат со големиот мајстор, ѓаконот Јован. Сепак, тие настојувале да ги развиваат и одржуваат во живот базичните принципи на работа од неговото ателје: пропорционалната структура на композициските решенија, прецизната графицистичка матрица во изведбата на стилските елементи и внимателниот приод кон колористичко инкарнирање на визуелните компоненти. Воочливите сличности меѓу аплицираните ликовни решенија во презервираниот дел од сликаната декорација на Канео со некои од сцените во црквата посветена на Свети Никола во Манастир, укажуваат на континуираната соработка на ѓаконот Јован со некои од конзервативно ориентираните сликари, кои твореле во последната четвртина на XIV столетие. Колаборацијата на големиот мајстор со традиционално едуцираните зографи, упатува на неговата “менторска” широчина и го потврдува неговиот менаџерски ангажман на целата територија на Охридската црковна диецеза.

(Е. Димитрова, С. Коруновски, С. Грандаковска, Средновековна Македонија. Култура и уметност, во Македонија. Милениумски факти 3, Скопје 2013, 1631-1634; 1673-1675)

Свети Јован Богослов, лоцирана во рибарската населба Канео, е подигната во седумдесеттите години на XIII столетие. Сместена на високиот пост над азурно сините езерски води и позиционирана на истурениот дел од карпестата платформа на брегот, таа стражари над езерскиот мир и пенливите пространства на непрегледниот хоризонт, со достоинство на моќна средновековна цитадела. Изградена од непознат донатор во последните децении на столетието, дизајнирана со автентични форми на архитектонскиот корпус и на фасадниот украс и живописана во духот на строгите монашки традиции во сликарството, оваа црква ги рефлектира уметничките нијанси на поднебјето во специфичниот аранжман на градителските форми и во карактеристичните елементи на ликовниот израз. Иако изгубила голем дел од сликаниот репертоар и со тоа останала без својот некогашен уметнички блесок, таа ја зачувала мистичната атмосфера на ентериерот, потонат во благородните тонови на спиритуалната девоција. Во топлиот амбиент на храмовата тишина и во сакрално пријатната арома на восок и темјан во ентериерот на оваа црква, секојдневно воскреснува духот на средновековниот Охрид со сиот сјај на неговата маркантна културна историја. По своите архитектонски особености, црквата Свети Јован Богослов Канео претставува спој на традиционални градителски елементи и на живописно обликувани декоративни компоненти. Со стандардните димензии и со традиционалната основа на крстообразното решение, таа не се разликува многу од вообичаениот тип на сакрални објекти кои го одбележуваат византиското неимарство во втората половина на XIII век.

Октогоналната купола врз централниот дел на градбата, тристраната олтарна апсида чија длабочина го неутрализира недостатокот на бочни апсидални форми во екстериерот и продолжувањето на западниот травеј како супституција на непостоечкиот нартекс, се елементи познати од постарото, но и од современото сакрално византиско градителство. Сепак, појавата на триаголните фронтони на сите страни од тамбурот на куполата, кои како геометриски украси ја разиграле горната линија на куполната структура, е компонента која ретко се среќава на нашето подрачје и говори во прилог на врвната едукација и на забележителното искуство на мајсторите градители. Богатата керамопластична декорација со репрезентативен спектар на разновидни компоненти, динамичниот аранжман на керамичките елементи на фасадните ѕидови и монолитниот склад на пропорционално дизајнираната архитектонска силуета на градбата, се најзабележителните обележја на овој тринаесетвековен охридски храм. Симетричноста на декоративните решенија, полукружните силуети на фасадните ниши и полихромниот ефект на употребените градежни материјали, во голема мера го надополнуваат впечатокот за ненаметливата убавина на архитектонските форми и на естетските вредности на црквата.

Живописот на храмот, иако зачуван само во куполата и во олтарниот простор на градбата, блика со благородните вредности на монашката предаденост, визуелизирана низ релативно конзервативно конципираните форми и низ стивнатите тонови на боената палета. Ликот на Христос, сочуван во бледи одсјаи на некогашните цврсто контурирани форми и прикажан во темето на куполата, ангелската свита која ја носи неговата мандорла во свечениот ритам на лебдечките движења и крупните фигури на старозаветните пророци прикажани со гестови на библиски оратори, го красат куполниот појас со благородниот набој на еден доследен и внимателно конципиран ликовен израз. Во олтарот, пак, Христос ги причестува апостолите со симболичните супститути на своето тело жртвувано за гревовите на човештвото и на својата крв пролеана на Голготскиот крст. Конзумирајќи ги евхаристичните дарови – лебот во дискосот и виното од пехарот, Христовите ученици ја фланкираат трпезата, доловувајќи ја свечената атмосфера на Последната заедничка вечера. Светителските бисти на големите и мудри учители на православната црква, меѓу кои и ликот на свети Климент Охридски, формираат лента во олтарниот живопис, лоцирана меѓу Причестувањето на апостолите и Литургиската служба, прикажана во првата зона. Одвојувајќи ги илустрацијата на евхаристичниот момент со кој започнува Христовата пасија и приказот на литургиската свеченост која го комеморира во вид на архијерејска служба, зоната со светителски портрети овозможила попрегледен визуелен концепт на целокупната олтарна декорација. Фактот што во поворката која приоѓа кон чесната трпеза за да ја воспее славата на Христовата евхаристична жртва, е претставен ликот на веќе упокоениот охридски архиепископ и угледен црковен достоинственик Константин Кавасила, говори во прилог на желбата за вклучување на високопочитуваниот охридски поглавар во свечениот ритуал на екуменските архијереи.

Обележано со сугестивно нагласен цртеж во формулацијата на контурите, со јасно вообличени форми подвлечени со рески светлосни ефекти и со сумарна обработка на ликовните маси, сликарството на црквата Свети Јован Богослов ги одразува одликите на локалните сликарски трендови од последните децении на XIII век. Плоско моделираните фигури, разиграната линеарна структура на формите, графицистичката енергија во обликувањето на плохите и тонскиот пристап во конфигурацијата на волумените, најдобро го дефинираат ликовниот дуктус на мајсторите - творци на овој ансамбл. Следбеници на конзервативните сфаќања во уметничкото творештво, како што се статичната структура на композициските решенија, нагласениот вкус за линеаризам во конципирањето на формите и старомодниот ритам на бавните движења во прикажувањето на фигурите, авторите на сликаната декорација во Канео се репрезенти на старомодните монашки идеали во ликовната продукција. Следбеници на уметничките принципи негувани во атељето на ѓаконот Јован, висок црковен службеник и референдар на Охридскиот архиепископски трон, творците на фрескоаранжманот во Канео, традиционалисти по своите ликовни убедувања и епигони на големиот мајстор на зографската вештина, го зачувале духот на неговото врвно творештво во линеаристичката вештина на прецизната изведба. Љубоморно чувајќи ги доблестите на монашката скромност во креативниот израз, тие создале дело соодветно на строгите критериуми на православниот конзервативизам. Во поствизантиската епоха, фрескодекорацијата претрпела серизони оштетувања, но ликовното творештво во храмот посветен на свети Јован Богослов не замрело. Во таа смисла, за иконостасот на црквата биле изведени вредни творби на иконописната продукција, кои ги рефлектирале одликите на творештвото на градските ликовни атељеа од XVII век. Тој, исто така, поседувал и примероци на иконописното мајсторство од XIX столетие, меѓу кои се вбројува и една репрезентативна Богородичина претстава, изведена од најголемиот уметнички маестро на таа епоха, зографот Дичо од селото Тресонче, датирана во 1844 година.

(E. Димитрова, Охрид – Sub specie aeternitatis, Охрид 2010, 163-168)