MK | EN


Последниот значаен фрескомонумент на македонската средновековна уметност е сликаниот аранжман на црквата Свети Константин и Елена во Охрид (околу 1400 година), продукт на заложбите на едно угледно ктиторско семејство да остави репрезентативна трага во културниот живот на градот, во самиот крај на медиевалната епоха. Познати по негувањето на православната традиција и по ангажманот во хуманитарните активности организирани од црковната институција, донаторот Партениј и неговата мајка, презвитерата Марија, заедно со ранопочинатиот ктиторов син, малиот Михаил, се портретирани на јужниот ѕид од храмот, во ликовен формат на визуелна молитва, насликана во слава на божјото милосрдие. Почитуваниот духовник Партениј со моделот на црковната заветнина во рацете со поддршката на својата мајка, свештеничката Марија, прикажана зад него и со ликот на покојното дете претставено под архитектонската реплика на храмот, му ја принесува својата донација на Христос, примајќи го неговиот безрезервен благослов. Невообичаено структурирана и специфично дизајнирана, идејно конзистентна и визуелно експликативна, ктиторската композиција од Свети Константин и Елена ги претставува духовните поклоници од трите генерации на едно охридско семејство во ритуалниот чин на нивниот донаторски перформанс. Податоците за амбициозното учество на ктиторовата мајка, свештеничката со презвитерски чин Марија, во здравствените и добротворни активности на некои од градските енории е доволно сведоштво за нејзините ангажмани во организацијата на социјалниот живот во Охрид на самиот премин на XIV и XV век. Во тој контекст и посветата на нивната заветнина на светите патрони на христијанската вера, царот Константин и мајка му Елена, го акцентира заедничкото делување на семејната двојка во верскиот и културниот живот на архиепископскиот центар во крајот на средновековната епоха.

Во малиот храм посветен на светите Константин и Елена, сликаната програма е редуцирана на олтарниот концепт, илустрацијата на Големите празници, прикажувањето на настаните од Страсните евангелија, фризот со светителски бисти, стоечката галерија на светителски фигури и декоративниот модел во украсувањето на попречниот свод. Притоа, може да се забележи дека мајсторите рационално го поделиле расположливиот простор на храмот, аранжирајќи ги елементите на фрескоансамблот во согласност со скромниот капацитет на внатрешните ѕидни површини. Така, Богородичината фигура ја сместиле над Литургиската служба во олтарот, сцените од Празничниот циклус ги распоредиле на сите четири ѕида, Страсните настани ги илустрирале на бочните ѕидни платна, а во првата зона конципирале една интересна галерија на стоечки светителски фигури. Меѓу нив, храмовите патрони, царот Константин Велики и христијанската добротворка и негова мајка Елена се насликани на најсвечената локација, покрај олтарната зона на јужниот ѕид, а веднаш до нив се прикажани свети Никола и охридскиот духовен патрон, свети Климент. На северниот ѕид, покрај Деизисната композиција, биле претставени светите воини, а на западниот, своето место го добиле светите монаси како духовни заштитници на храмовиот ктитор.

Во попречниот свод на црквата е прикажана Небесната литургија, во која целестиалните авторитети го служат свечениот ритуал, врамувајќи ја претставата на Светите Тројца, лоцирана во центарот на сводната конструкција. Оваа иконографска досетка во програмското формулирање на сликаната декорација во храмот претставува ефектна супституција на куполната програма во попречниот полуцилиндар на градбата. Експресивните ликови на Отецот, Синот и нивниот “заеднички медиум”, гулабот на светиот Дух инвентивно вклопен во приказот на Хетимасијата, врамени во медалјони и придружени од апостолскиот тетраморф се вообличени во импресивна визија на доктринарната идеја за “тројното единство на единствените Тројца”. Рефлектирајќи ги православните ставови експлицирани на теолошките дебати за учеството на светиот Дух во осветувањето на евхаристичните дарови, оваа автентична композиција во сводот на охридската црква ја одразува ортодоксната убедливост наспроти литургиските несогласувања на Папскиот престол. Прикажувањето на Отецот, на Синот и на Приготвениот престол со зооморфниот симбол на светиот Дух претставува визуелна потврда на легитимитетот на православната литургиска служба, додека симболичните прикази на четворицата евангелисти, ја вообличуваат оваа сцена во вистински програмски супститут на непостоечката куполна декорација.

Мајсторите кои ја извеле сликаната декорација на црквата Свети Константин и Елена и припаѓаат на некоја од охридските градски работилници и ги претставуваат експресивните ликовни движења во уметничкиот живот на архиепископскиот центар од крајот на XIV век. Вешти во цртачкото мајсторство, искусни во моделацијата на облиците и воздржани во колористичките експерименти, тие се наследници на стилските разбирања на своите постари колеги, кои работеа за Григориј Деволски во северниот параклис на Света Богородица Перивлепта. Иако нивни ученици во поглед на третманот на формите и организацијата на композициските структури, помладите охридски сликари внесуваат поголема динамика во животот на формите и позасилен интензитет на пластичните квалитети во изведбата. Сугестивните ликови на светителите, моделирани со голема доза на фацијално расчленување и нагласената анатомска конфигурација на нивните телесни квалитети, придонесуваат за зголемениот енергетски полнеж на композициските решенија. Темпераментните движења, богатата структура на драпериите, пластично моделираните сценографски елементи и немирните колористички контрасти на боената палета, се главните компоненти на експресивната ликовна постапка на мајсторите, кои работеле на декорацијата во Партениевиот храм.

Од друга страна, авторите на фрескоживописот во јужниот параклис негуваат многу поделикатен, порафиниран и поманиристички сликарски јазик. Иако дедикацијата на малата капела, прилепена до јужниот бок на црквата е неизвесна, забележителниот број на женски светителски претстави, како и илустрираното Житие на света Петка на западната фасада, упатува на директната инволвираност на презвитерата Марија во дизајнирањето на нејзиниот камерен фрескоансамбл. Во тој контекст, допојасната Богородичина претстава и Литургискиот ритуал во апсидата, како и илустрацијата на Празничниот циклус, се придружени со стоечка галерија на светители во која, од осум прикажани фигури, шест припаѓаат на избраничките од понежниот пол. Аристократски костимираната света Катарина, елегантно позиционираната света Варвара и сензуално нежната света Анастасија Фармаколутрија, сведочат за внимателниот приод во иконографското обликување на нивните претстави.

Во стилско-ликовен поглед, декорацијата на јужниот параклис поседува одлики кои ја доближуваат до лирски инспирираното сликарско творештво. Тенденциозната убавина на ликовите, меката, обла моделација на формите, одмерениот ритам на елегантните движења и деликатното сенчење на фацијалните компоненти, ги определуваат мајсторите на јужната капела како претставници на поетски обоеното и лирски рафинирано фрескосликарство. Внимателниот приод кон софистицираниот треман на облиците ослободени од позабележителни пластични нагласки, мекиот цртеж кој ненаметливо ги создава нежните силуети на претставените ликови и сензуално светлата тонална експозиција на боите, се главните изразни средства на зографите, заронети во сочните длабочини на лирскиот творечки сензибилитет. Со тактилната енергија на светителските движења и со префинетиот фацијален блесок на нивните ликови, најдобриот мајстор на сликаната декорација во јужната капела на храмот го завршува македонското уметничко средновековие со рафинираните стилски резонанци на својот авторски потпис. Вешт и искусен во уметничката постапка, смел и сигурен во изведбата на ликовните решенија, деликатен и чувствителен во стилскиот израз, тој го овоплотува возвишениот креативен дух на македонските сликарски творци, во самиот крај на средновековната епоха.

(Е. Димитрова, С. Коруновски, С. Грандаковска, Средновековна Македонија. Култура и уметност, во Македонија. Милениумски културно-историски факти 3, Скопје 2013, 1765-1770)

Непосредно до црквата Мали Свети Врачи се наоѓа и храмот посветен на Светите Константин и Елена, донација на едно свештено-благородничко семејство од крајот на XIV век. Подигната со напорите и со финансиските прилози на јеромонахот Партениј, почитуван духовник од повисоките кругови на охридската црковна заедница, храмот бил изграден и живописан околу 1400 година и претставува една од последните сакрални градби на средновековен Охрид. Припаѓајќи на фамилија посветена на христијанските доблести и мошне активна во хуманистичките активности во градот, ктиторот Партениј се погрижил неговата заветнина да добие карактеристики на едно повеќе или помалку традиционално архитектонско решение, декорирано со иконографско-стилските одлики на поеминентните охридски ликовни атељеа. Еднокорабната диспозиција на основата, надвишениот попречен свод, единствената тристрана олтарна апсида и релативно робусниот ѕидарски опус се главните обележја на архитектонскиот дизајн на Партениевата донација. Отсуството на поефектен керамопластичен украс и затвореноста на фасадните површини, веројатно треба да и се припишат на ктиторовата желба за поскромно обликување на градбата, која служела како семејна капела за молчалива комуникација на неговите најблиски со спиритуалниот свет на Божјата заштита.

Доградениот параклис на јужната страна од црквата и неправилно обликуваниот трем, кој ги врамува храмот и малечката доградба, се елементите на црковниот комплекс, што со своите градителско-ликовни одлики го затвора периодот на охридското средновековно уметничко творештво.

Атмосферата во ентериерот на црквата се одликува со карактеристиките на монашка предаденост која избликнува од програмската конфигурација на живописот, како и од неговите стилски обележја. Прикажани на јужниот ѕид, членовите на ктиторското семејство станале дел од визуелната молитва за спасување на нивните души, обединети во животот и смртта, во девоцијата и во апсолутната предаденост кон Бога. Покрај јеромонахот Партениј, претставена е и неговата мајка, презвитерата Марија, високопочитувана личност во охридските духовни кругови, вдовица и калуѓерка, која активно учествувала во организацијата и координацијата на црковните активности меѓу охридските верници. Со висока свештеничка титула и со одговорни општествени ангажмани, таа била инволвирана во разновидни активности кои се однесувале на верската едукација, на социјалната помош и на здравствената нега на охридските граѓани. Помагајќи им на болните, проповедајќи ги евангелските текстови, упатувајќи ги жените и децата во мудроста на библиските поуки и организирајќи ги хуманитарните активности на црковните празници, калуѓерката и презвитера Марија, достоинствено ги придружува својот син, ктиторот на градбата и рано починатиот внук во прикажаната ктиторска композиција, како што ги поддржувала и низ премрежјата на нивниот реален, верски живот.

Во длабоко спиритуалниот амбиент на храмот зачувана е интересна фрескодекорација, обележана со желбата за соодветно прилагодување на сликаниот аранжман на расположливите површини на црковниот ентериер. Поради тоа, програмската конфигурација на ансамблот ги содржи елементите на Празничниот и на Страсниот циклус, придружени со олтарната декорација и со галеријата на стоечките светители. Форматирани со внимателен приод кон структуралното баласирање на композициските матрици, сцените кои ги илустрираат најзначајните моменти од Христолошката историја имаат јасна конфигурација и јадровито конципирани конститутивни елементи. Илустрациите пак на Страсните евангелија се оживеани со поголема доза на пикторескност и динамика, пробликната со желбата за поконтрастни сценски решенија. Претставите на стоечките светители кои ги вклучуваат ликовите на храмовите патрони светите Константин и Елена, Охридскиот првоепископ Климент, универзалниот добродетел Никола Мирликиски и портретите на големите екуменски монаси и анахорети, се внимателно одбрани и прикажани во контекст на благородната калуѓерска предаденост на членовите на ктиторското семејство.

Во попречниот свод на црквата, наместо традиционалната иконографска програма на непостоечката купола, прикажана е автентичната претстава на Божествената литургија, во чиј перформанс учествуваат ангелите и небесните суштества. Врамена со учесниците на свечениот, целестијален обред, претставата на светите Тројца, лоцирана во центарот на сводната конструкција, ја супституира вообичаената изведба на Пантократоровиот лик, не нарушувајќи го симболичното значење на највисокиот дел од црковната декорација. Впечатливата изведба на Богот Отец опкружен со зооморфните симболи на четворицата евангелисти, живописната претстава на Христос - Божјиот син и Спасителот од гревовите и сликата на Приготвениот трон со гулабот на светиот Дух, се елементите на автентичната визуелна појавност на Светото Тројство во попречниот свод на црквата. Вклучувањето на ликовната претстава на трите хипостази во прикажувањето на единствениот Бог во центарот на Небесната литургија на ангелите претставува рефлексија на современите теолошки расправи за форматот и за карактерот на евхаристичната служба и сведочи за богословската ерудиција на ктиторот и на иконографите на храмот.

Во стилски поглед, сликарството на црквата Свети Константин и Елена ги носи обележјата на ликовните трендови од последните три децении на XIV век и ги манифестира одликите на охридските градски атељеа. Надоврзувајќи се на најдобрите мајстори од изминатиот период кои работеа во бочните капели на Света Богородица Перивлепта и во Болничкиот Богородичин храм, авторите на фрескосликарството во Партениевата задужбина го негуваат динамичниот принцип во конфигурацијата на композициските структури. Со нагласените движења на фигурите, сугестивните изрази на светителските ликови, моќните силуети на сценографските елементи и нескротените боени контрасти на колористичката палета, мајсторите на фрескоживописот во црквата Свети Константин и Елена ја продолжуваат тенденцијата за експресивен ликовен израз кој еруптира од драматичните импулси на уметниковата инспирација. Енергично во изразот, динамично во цртежот, пластично во моделацијата и живописно во колористичкиот спектар, сликарството на овој храм ќе претставува инспиративна матрица за етаблирање на ликовниот манир, карактеристичен за охридските мајстори од следното столетие.

Во јужниот параклис на црквата, сцените од редуцираниот и од просторните услови обусловениот распоред на Празничниот циклус, се придружени со камерниот формат на олтарната декорација и од мошне промислената селекција на репрезентите во стоечката светителска зона. Меѓу нив доминираат ликовите на жените маченички избрани од каталогот на екуменската светителска асамблеја, претставнички на различни социјални слоеви обединети во славата на своите маченички подвизи. Вклучувањето на импресивниот портрет на света Анастасија Фармаколутрија која го држи стакленото шишенце со благотворен медикамент, ја потврдува посветеноста на презвитерата Марија на здравствената нега на верниците и сведочи за нејзиниот непосреден ангажман во подигањето и во декорацијата на параклисот. На неговата западна фасада, житието на популарната маченичка, света Петка, илустрирано низ десеттина сцени, свечено ја заокружува фрескопрограмата во ентериерот, упатувајќи на можната дедикација на јужната доградба на храмот. Нежните ликови на маченичките оформени со мека моделација на облиците, елегантните линии на нивните грациозни фигури, благите светлосни акценти и рафинираната гама на боениот инкарнат се одликите на авторот на маченичките претстави во параклисот, кој негува лирски предиспозиции во ликовната постапка. Во контраст на експресивниот уметнички приод на неговите колеги од црквата кои работеле за јеромонахот Партениј, тој го заокружил репрезентативниот ктиторски потфат на свештеничкото семејство со својот сензибилен авторски ракопис, соодветен на рафинираниот естетски вкус на благородната презвитера Марија.

Во средината на XV век, црквата Свети Константин и Елена го добила помладиот слој на фрескоживопис, што сведочи за грижата на Партениевите и Мариините потомци за храмот, подигнат и декориран од ова угледно охридско свештеничко семејство. Притоа, на фасадните ѕидови од црквата било илустрирано Житието на храмовиот патрон кое ги опфаќа најзначајните настани од Константиновиот живот и случките поврзани со неговите заложби за заштита на христијанското учење. Истовремено, покрај влезот во црквата бил претставен портретот на архимандритот Никандар, внук на јеромонахот Патрениј, придружен со членовите на едно охридско благородничко семејство. Локацијата на помладиот донаторски аранжман и неговата просторна „корелација“ со портретите на ктиторите од XIV век (првите прикажани на фасадата, а вторите во ентериерот на истиот фасаден ѕид), говори во прилог на настојувањата на Партениевите наследници, соодветно да го одбележат продолжувањето на неговото дело, по смртта на својот славен претходник. Иако сликарите на помладите фрески се надоврзуваат на ликовниот манир на своите постари колеги од XIV столетие, сувопарноста во обработката на деталите и колористичката неурамнотеженост на боената палета, се јасни индикации за немоќта да се достигнат цртачката вештина и свежиот колористички спектар на охридската сликарска школа од изминатиот век.

(E. Димитрова, Охрид – Sub specie aeternitatis, Охрид 2010, 211-217)