MK | EN


Сместен на јужните брегови на Охридското Езеро, во предел со библиска убавина, манастирот опстоил низ вековите, но за жал изгубена е првобитната Наумова црква посветена на Светите Архангели, која според неговите житија била изградена во 900 или 905 година. Археолошките истражувања под подовите на денешната градба, покажаа темели на постара црква што во својата внатрешност била конципирана според образецот на триконхалните градби. Фрагментарно сочуваните темелни траки дадоа јасен патоказ за оформениот концепт на внатрешниот простор, но не беа доволни за да може докрај да се дефинира и надворешниот просторен концепт на старата Наумова црква. Останува констатацијата дека свети Наум го презел триконхалниот образец на Климентовата црква, но не го копирал до крај истиот план. Имено, видливи се некои отстапувања кај двете цркви, со што се потврдува и креативниот пристап на ктиторите и градителите кога се работело за разработката на некои од добро познатите просторни модели присутни во византиската архитектура.

Кај триконхалниот план во црквата на свети Наум, во југозападниот дел, на просторот наменет за гробот на светителот, ѕидот од капелата продолжува право кон конхата и формира права линија со нејзе. Така, внатрешната сферна површина на јужната страна се преточува во праволиниска кубична надворешност. Тоа е различен пристап во трансформирањето на ентериерот во екстериер. Имено, кај Климентовиот триконхос, гробната капела е просторно издвоена од развиениот план на наосот, со што се следи принципот на сегрегација на поодделните целини и нивно јасно распознавање во надворешниот изглед на градбата. Кај Наумовата градба, со слевањето на јужниот ѕид во една правоаголна континуирана надворешност на делот на капелата и наосот, се распознава принципот на формална интеграција на бочните капели, при што тие тешко се распознаваат во надворешниот изглед на една градба. И двата принципи се иманентни за градбите од различна типолошка матрица (впишан крст, базилики, конхални цркви) и може да се рече дека опстојуваат паралелно низ вековите, без некој видлив примат на едниот или другиот. Принципите на сегрегација или интеграција на бочните капели во византиската архитектура се едни од базните елементи при формирањето на екстериерот на една градба, а во зависност од нивната примена, кај слично конципираните планови имаме различен надворешен изглед на градбите. Затоа не можеме едноставно да речеме дека свети Наум го копирал Климентовиот план за манастирска црква, туку дека и тој како неговиот духовен собрат бил инспириран од функционалноста на конхалното решение, но надворешниот изглед на неговата манастирска црква не ги издавал ваквите сличности, напротив таа била многу поразлична од Климентовата.

(Е. Димитрова, С. Коруновски, С. Грандаковска, Средновековна Македонија. Култура и уметност, во Македонија. Милениумски културно-историски факти 3, Скопје 2013, 1544-1545)

Инспириран од градителските активности на Климент и од неговата заложба за создавање на карактеристична словенска архитектонска форма на сакрални градби, околу 900 година Наум ја подигнал црквата посветена на Светите Архангели во рамките на денешниот манастирски комплекс Свети Наум, покрај „големите извори“ на јужниот езерски брег. Надоврзувајќи се на веќе формулираната архитектонска матрица елаборирана во Светиклиментовата црква на Плаошник, Наум изградил триконхален храм, симиларен во својата просторна концепција на Пантелејмоновата црква подигната на охридското плато. Куполно засведена и конфигурирана од три полукружни конхи во ентериерот и тристрана олтарна апсида на источната страна, црквата на Светите Архангели ги повторувала типолошките обележја на Климентовата градба и претставувала еден од структуралните елементи во воспоставувањето на традицијата за градење на сакрални триконхоси, која набргу ќе се рашири на балканското подрачје. Преземањето на елементот на полукружните ниши во источните ѕидови на бочните конхи и одредувањето на фунерарната локација за ктиторовиот гроб се компонентите кои лојално го следат основниот концепт на Светиклиментовата градителска традиција, етаблирана во Пантелејмоновиот храм на Плаошник. Втопувањето на северната и на јужната конха во кубична ѕидна маса и обликувањето на екстериерот со правоаголни наместо со полукружни апсидални ѕидови, се одликите на автентичниот Наумов архитектонски дизајн во „реплицирањето“ на постариот Климентов градителски модел.

Во текот на долгите столетија на средновековната епоха и во турскиот период, Наумовата црква била повеќе пати преградувана и доградувана и израснала во еден специфичен и репрезентативен црковен комплекс. Во XIV век, на западната страна била подигната крстообразна структура со куполно засведување впишана во правоаголен габарит, која ја примила улогата на наос на храмовиот католикон. Во доцниот XV или раниот XVI век, врз темелите на оваа автентична архитектонска структура, била подигната новата градба, која го интегрирала триконхалниот план на постариот објект во правоаголното пространство, врамено со петстрана апсида на исток и со нартекс на западната страна. Куполите над наосот и припратата, ѕидани од тули и украсени со керамопластични архиволти над прозорските перфорации потекнуваат од обновата на објектот во почетокот на XVIII столетие, а во крајот на векот биле подигнати вестибилот на западната страна и приѕиданите северни и јужни одделенија. Квадратниот параклис во кој е сместен Наумовиот гроб е завршен во 1799 година како ктиторска иницијатива на игуменот Стефан и епитропите Наум и Гаврил од Охрид. Во средината на XIX век, гробницата на храмовиот патрон била репрезентативно обликувана со камени плочи. Таа денес претставува ходочасничка локација на многубројните почитувачи на Светинаумовиот култ, сакрално жариште за предадените верници и спасоносно уточиште за оние кои се во потрага по утеха и благородно исцеление.

Од оригиналното сликарство на црквата создадено во почетокот на X век нема никакви траги. Најстариот живопис кој потекнува од големата обнова на храмот во XVI столетие е презервиран во тремот и е зачуван во фрагмент од композицијата „Пророците те навестија“ изведена со извонредо живописна ликовна обработка. Во 1711 година бил изведен иконостасот на црквата со ктиторските заложби на игуменот Гаврил, помогнат од своите монашки собраќа Герасим и Теодосиј. Иконописните дела ги извел зографот и јеромонах Константин, еден од водечките мајстори на своето време, кој меѓу ликовите на светителите го претставил и портретот на Јован Владимир, владетелот на средновековна Зета и близок политички соработник на царот Самуил. Благородната обработка на ликовите, пластичниот баланс на декоративните елементи и урамнотеженоста на ликовните маси ја рефлектираат инспирацијата на зографот Константин од уметничките модели на медиевалната епоха. Резбата на иконостасот е изработена во атељеата на некоја од охридските работилници и претставува творба на искусни и зрели мајстори, добро запознаени со стилските трендови на оваа дисциплина, присутни на балканското подрачје и во Светогорските манастирски центри. Флоралните елементи, аранжирани со извонреден осет за визуелна композиција и со рафинирано чувство за прецизна обработка на деталите, го вбројуваат овој иконостас во репрезентативните творби на дрвената резба од првата половина на XVIII век. Во 1800 година, зографот Трпо ја извел фрескодекорацијата на гробниот параклис, претставувајќи ја Божествената литургија во куполата, Житијниот циклус на свети Наум на ѕидовите и галеријата на репрезентативни монашки ликови во првата зона. Над моштите на патронот, тој ја прикажал монументалната сцена на неговото Успение, исполнета со свечената атмосфера на фунерарната церемонија.

Шест години подоцна, Трпо зограф ги насликал фреските во олтарот, наосот и во припратата на храмот, создавајќи впечатлива панорама на евхаристичи композиции, Празнични сцени, Страсни настани, Христови чудотворни исцеленија, илустрации на случките од Богородичиното детство, подвизите на Архангел Михаил и бистите на Четириесетте севастиски маченици на поткуполните лакови. Малиот формат на композициите и зографската вештина на мајсторот Трпо за динамична визуелна експликација на прикажаните настани се обединиле во живописна сликана панорама на складни композициски решенија и на хармонични колористички созвучја.

Во западниот дел на црквата се прикажани портретите на Светите седмочисленици: Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Ангелариј и Горазд, костимирани во монашка облека, придружени со претстави на монаси и со сцени од библиската и од хагиографската литература. Забележителното мајсторство на Трпо зограф, видливо во вештиот аранжман на програмските компоненти е следено со нешто поскромни ликовни квалитети, што секако упатува на учеството на неговите соработници во реализацијата на фрескодекорацијата во припратата на храмот. Содржејќи ги повеќеслојните уметнички остварувања на различни мајстори и карактеристичните ликовни разбирања на неколку одделни стилски трендови, сликарството на Наумовиот манастир претставува вредна галерија на фрескоживопис, на иконописно творештво и на резбарска вештина, обединети во величествен споменик на духовната култура од вториот милениум на Христовата ера. Лоциран во раскошниот природен амбиент покрај смарагдно зелените езерски води и облагороден од спиритуалната пасија на долговековните ходочастија, манастирот Свети Наум е едно од најголемите жаришта на култната предаденост и на религиозниот вошит на современите христијански верници.

(E. Димитрова, Охрид – Sub specie aeternitatis, Охрид 2010,139-144)