MK | EN


Свети Никола е мошне едноставен во своето архитектонско обликување, со полувалчестиот свод, тристраната олтарна апсида и ѕвоникот подигнат на западната страна. Едноставниот ѕидарски опус, скромната обработка на фасадните ѕидови и нерасчленетиот просторен концепт на ентериерот се особеностите на градителското решение кои сугерираат поскромен приод во конципирањето на градбата и во обликувањето на нејзините архитектонски компоненти. Подигната од непознат ктитор, некаде во четвртата деценија на XIV век, црквата Свети Никола Болнички ќе стане своевиден урнек за градење на помалите, еднокорабни охридски цркви, кои ќе никнуваат сé до крајот на средновековниот период. Изградени како ктиторски заветнини од поскромните припадници на лаичките или свештенички кругови на охридската популација, тие ќе станат интимни собиралишта на жителите од одделните градски маала, пружајќи им на верниците мир и тишина во деновите на нивните телесни или духовни страдања.

Сликарството на храмот посветен на Свети Никола ги носи карактеристиките на еден промислено конципиран ансамбл, соодветно прилагоден на просторните можности на еднокорабниот црковен ентериер. Прикажувањето на сцените кои ги одбележуваат најголемите Празници во православното христијанство, аранжирани во втората зона од сликаната декорација на црквата, им овозможувало на верните запознавање со експресивните стихови од библиските приказни во непосредниот медиум на визуелното творештво. Од Благовестите до Богородичиното успение, од Раѓањето Христово до неговото Вознесение, континуирано тече Новозаветната сторија за отелотворувањето, страдањето и воскреснувањето на ултимативниот Спасител на човештвото, долж олтарниот појас и ѕидните површини на наосот во црквата. Оживеани со голем број иконографски детали и пикторескни поединости во изведбата, Празничните сцени го исполниле ентериерот на градбата со динамичната атмосфера на прикажаните настани од драматичното обзорје на Христолошките времиња.

Интересната галерија на стоечки светителски претстави, која ги опфаќа стројните фигури на светите воини на северниот, впечатливиот портрет на свети Климент и ликовите на светите бесребреници во друштво на омилениот народен заштитник свети Никола на јужниот ѕид, го претставува јадрото во конципирањето на декоративниот ансамбл во првата зона на сите подоцнежни еднокорабни охридски храмови. Слично значење има и иконографскиот дизајн аплициран во сводниот полуцилиндар, кој ги вклучува медаљоните со двојната претстава на Христос и изведбата на Приготвениот трон, супституирајќи ја карактеристичната конотација на непостоечкиот куполен аранжман, преку симболичното значење на Христовата улога во спасувањето на светот. Дело на некоја од локалните зографски работилници, фрескоживописот во црквата манифестира стилски одлики на мајстори со грижлив приод кон обработката на формата, но без поголеми амбиции за послободни ликовни експерименти. Склони кон внесување на светлосни ефекти во моделацијата на облиците и нагласување на колористичката игра во нијансите, живописците на Болничкиот храм создале творба со солидна занаетчиска обработка и со урамнотежени ликовни вредности.

Силни стилски особености манифестира и нешто помладото сликарство, изведено во 1345 година на јужната фасада од црквата, во подоцна доградениот трем. Прикажувајќи ги свечените фигури на кралот Душан, кралицата Елена и кралчето Урош во придружба на светите Симеон и Сава покрај портретот на охридскиот архиепископ Никола и допојасната претстава на патронот на храмот, оваа композиција ги открива подробностите на специфичните историско-црковни прилики од пред средината на XIV век, кои се рефлектирале на статусот на Архиепископскиот трон во Охрид. Вклучувањето на култот на српските светители во протоколарниот концепт на ктиторската композиција во која владеачкото семејство ја зазема централната позиција, упатува на желбата за визуелна промоција на Душановиот политички авторитет во административната дејност на Архиепископскиот трон.

Истовремено, овој автентично структуриран ктиторски аранжман претставува и суптилен инструмент за империјална пропаганда наменета да го нагласи склучениот сојуз меѓу српскиот монарх и охридскиот архиепископ, што јасно укажува на стекнатиот автокефален статус на Охридскиот епископски престол за кој се изборил ктиторот на Болничкиот трем. На таков начин, фрескодекорацијата на тремот во оваа црква претставува впечатлив визуелен памфлет на црковната идеологија на еден од најмоќните охридски епископски достоинственици. Во XV век, до јужната страна на црквата бил подигнат параклис, од кој е зачувано сликарството на презервираниот источен дел, живописан во седмата деценија на столетието, со мошне традиционална иконографија и со динамични и живописни стилско-ликовни карактеристики.

(E. Димитрова, Охрид – Sub specie aeternitatis, Охрид 2010, 193-196)