MK | EN


На патот од Света Богородица Челничка кон високото плато на кое е лоцирана црквата Света Богородица Перивлепта (Свети Климент) се наоѓа храмот посветен на Светите бесребреници Кузман и Дамјан, познат под името Мали Свети Врачи. Со скромни димензии на архитектонската опстановка и со едноставна градителска основа на еднокорабна градба, оваа црква од четвртата деценија на XIV столетие припаѓа на вообичаената типологија на сакрални објекти кои никнуваат во охридската сакрална стратиграфија кон половината и во втората половина на столетието. Иако градена без посебни амбиции за репрезентативен изглед, а уште помалку за посебен декоративен впечаток на фасадниот дизајн, оваа црква подигната од непознат донатор и во нерасветлени ктиторски околности, е едно од извориштата на врвната уметничка дејност во охридската културна средина на XIV век. Посветена на светите исцелители, Кузман и Дамјан, малоазиските здравствени добротвори и современици на свети Пантелејмон, патронот на Светиклиментовата заветнина, црквата на Светите Врачи е градскиот споменик кој го зачувал и продолжил култот на благородните исцелители, воспоставен во Климентовата епоха.

Наспроти неугледниот изглед на црковниот екстериер, внатрешноста на храмот нуди раскошна глетка на сликарското мајсторство, кое го исполнило ентериерот на градбата со возбудливи програмски новитети, со автентични иконографски решенија и со забележителни ликовни остварувања. Профилактичкиот карактер на фрескодекорацијата во која провејува идејата за застапништво на патроните врз здравјето на жителите и верниците имплицирал појава на многубројни нови иконографски елементи, кои ја збогатиле палетата на автентични визуелни решенија во живописот на охридските зографски атељеа. Претставата на Богородица како Животоносен извор во олтарната конха, во која постарата варијанта на Христовиот лик во мандорла е заменета со негово попрсје поставено во хексагонален сад со симболична алузија на исцелителната вода и сликата на свети Климент кој им ја дарува макетата на градот на патроните - исцелители, се само дел од инвентивниот „асортиман“ на иконографски решенија со кои се нагласува специфичната улога на оваа ктиторска задужбина. Присуството на свети Константин Кавасила во низата на стоечки фигури во првата зона од сликаната декорација на храмот сведочи за историскиот континуитет во почитувањето на Климентовиот наследник кој го продолжил црковниот развој и културната ескалација на Архиепископскиот центар.

Прилагодувајќи се на расположливите површини на црковниот екстериер, сликарите на храмот вешто ги распоредиле композициите од Празничниот циклус во повисоката зона, сведувајќи ја нивната иконографска констелација на неопходните конститутивни елементи. Не оптеретувајќи ги своите сцени со многубројни поединости и детали, тие создале прегледни и јадровити композициски решенија, со пропорционален аранжман на фигуралните компоненти и со внимателна обработка на сценографските елементи. Дизајнот на претставите кој почива на вешто конципираните просторни вредности на глетките, внимателната обработка на ликовните елементи и широките намази на заситените колористички валери упатуваат на искусни мајстори, солидно едуцирани од академските изворишта на класицистичкото сликарство. Пластичните акценти во моделацијата на светителските ликови, тенкиот цртеж во оформувањето на контурите и ненаметливата динамика на движењата се елементите на сликарската постапка на мајсторите кои се надоврзуваат на ликовниот манир на нивните претходници од почетните децении на столетието.

Сепак, во рамките на традиционалистичкиот приод кон негувањето на постарите ликовни решенија, дел од сликарството на Малите Свети Врачи покажува тенденции кон апсорпција на нова креативна енергија, манифестирана со појава на нови иконографски предлошки и на инвентивни стилски резонанци. Светите воини, костимирани во аристократски облеки на средновековни благородници, позиционирани на западниот ѕид се можеби најзабележливиот новитет во приодот кон конструкцијата на свежи иконографски модели. Нивното претставување со нагласена елеганција на формите, со мека моделација на облите силуети, со ненаметливо отстапување од пластичните акценти во обработката и со рафинираните нијанси на светлиот колористички тоналитет, го најавува продорот на новата ликовна енергија на поетизираниот уметнички манир, негуван во охридското сликарство од средината на XIV век. Карактеристична за творештвото на големиот мајстор Јован Теоријан, авторот на светософискиот живопис на катот од нартексот на катедралната црква, постапката во вообличувањето на светителските фигури на западниот ѕид од малиот охридски храм, е сигурно сведоштво за неговата најрана појава во ликовниот живот на Архиепископскиот град. Создаден во почетните години на петтата деценија од XIV столетие, фрескоживописот на Мали Свети Врачи го најавува времето на големите уметнички подвизи на новиот дворски стил во уметничката клима на Архиепископскиот центар.

Лесно во облиците, светло во боените резонанци, меко и обло во ненагласените контури, нежно во изразот, лирско во емоционалната конфигурација и поетско во ликовниот приод, Теоријановото сликарство во Малите Свети Врачи ја претставува базата за неговите понатамошни креативни експерименти кои ќе резултираат со создавање на новиот уметнички ракопис, омилен во архиепископските кругови на Охридската диецеза. Ослободувајќи ја ликовната постапка од академскиот приод на класицистичкото сликарство, зографот Теоријан внесува свежа инфузија на ненаметлива енергија која ги проникнува формите и боите со деликатните нијанси на аристократскиот творечки манир. Претставувајќи мост меѓу раскошната уметност на Михаил и Евтихиј од почетокот на XIV век и експресивниот авторски модел на Охридската сликарска школа од последните децении на столетието, Теоријановото сликарство кое започнува во Малите Свети Врачи и кулминира во Светософиската катедрала, го рефлектира вкусот на високите благороднички црковни кругови од најславните времиња на Охридската црковна институција.

(E. Димитрова, Охрид – Sub specie aeternitatis, Охрид 2010,205-209)